Славомакедонија најдобро ви стои
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=C6917633F6030C4B8562A2BC49CBDEAAJaнис Бутарис, градоначалник на Солун
Никола Груевски заради своја лична корист не' држи сите како заробеници на националпатриотизмотОд нашиот дописник
Миркица Поповиќ
Атина - Јанис Бутарис, новиот солунски градоначалник, пред себе има една главна цел - да ја врати насмевката на лицата на солунчани. Новиот градоначалник со децении успешно раководи со семејниот бизнис и винарската визба „Кријани“, се истакнува со својата филантропска работа преку невладината „Арктурос“ за заштита на диви мечки и волци, со финансирање на Музејот за современата уметност во Солун и со развивањето до туристичка совршеност на малото село Нимфео.
Меѓутоа, покрај неговата досегашна работа, Бутарис во својата биографија од неодамна ја стекна и етикетата „пријател на Македонците и Турците“, што му ја припишаа националистите поради неговиот отворен, пријателски став спрема грчките соседи, но и одбивањето на соработката со солунскиот митрополит Антимос. Многумина го толкуваат неговиот избор како конечно ставање крај на владеењето на национализмот и мешањето на Црквата во функционирањето на градот, додека, пак, оние другите веќе го етикетираа како предавник и пријател на сите грчки „непријатели“.
Самиот ни кажува дека е Влав и има потекло од Крушево, но, за жал, разбира многу малку влашки, а не разбира македонски. Од она што го говори, јасно е дека неговото образование, потекло едноставно не му дозволуваат да има ксенофобичен став. „Не можам да разберам зошто да се карам со соседот кога може да имаме добри односи и да соработуваме. Факт е дека кога се добри односите, кога сме здружени работите се подобри. Една од моите цели е да ја отстранам оваа фобија и лошо мислење за соседите. Дали ќе успеам не знам“, вели Бутарис.
Господине Бутарис, Солун по 25 години има градоначалник кој не е од десничарска партија. Многумина го сфатија ова како нов, долгоочекуван почеток за Солун, крај на национализмот и политичко либерализирање на гласачкото тело во северна Грција. Како го протолкувавте Вие?
Гледам дека Солун е подготвен за промени. Впрочем, тоа што ме избраа за градоначалник е јасен доказ дека им се потребни тие промени. Доста им е од ксенофобијата, национализмот и квазипатриотизмот. Работите, сепак, се посериозни отколку што мислев.
Ве гледаме повеќе како бизнисмен отколку како политичар, бидејќи целиот свој живот сте во бизнисот преку раководење со винарската визба „Кријани“ и производство на вината со печат Бутарис. Од она што го говорите, добиваме впечаток дека го гледате градот како една бизнис-инвестиција што треба да се развива и подобрува.
Пораснав во бизнис-средина, тоа го студирав и тоа и го работам. Една организација, како што е општината Солун, во која работат 4.500 луѓе, не можете да ја гледате на друг начин освен како бизнис-компанија. Оваа организација треба да работи, но, пред се', да ги услужува граѓаните. Поради тоа, треба да се најде добар начин, карактеристичен, кој ќе биде и успешен. Не можам да кажам дека раководењето на градот нема да има и политичка црта, има политичка цена, но тоа е работа на избраниот, не на целата општина.
Велите дека планирате да донесете многу повеќе туристи во градот и од Балканот, но и Евреи и Турци, чии претходници имаат своја историја во Солун и кон кои во градот се гледа со малку поинакви очи. Говорите и за возобновување на мултикултурниот дух на Солун.
Во Солун ќе се менуваат работите. Во градот многу години по војната опстојуваше ставот дека треба да ги штитиме границите од сите страни, особено од север, дека ќе не' нападнат Турците итн. Ништо од тоа не е случува, ниту, пак, е реалност. Имаме голем број инвестиции во ФИРОМ, со Турција, исто така, имаме добра соработка и врски. Идентитетот на овој град, ако го гледаме низ спомениците од последните 500 години, покажува дека имаме и споменици од Отоманската Империја и од Евреите и тоа треба да го прифатиме и употребиме. Не треба да се плашиме или да ја криеме историјата. На пример, јас сум Влав, потекнувам од Крушево и нашата куќа се наоѓаше кај црквата во Крушево. Таму сум бил многупати. Не можам да разберам зошто да се карам со соседот кога може да имаме добри односи и да соработуваме. Факт е дека кога се добри односите, кога сме здружени, работите се подобри. Еден од моите цели е да ја отстранам оваа фобија и лошо мислење за соседите. Дали ќе успеам, не знам.
На каков начин би го направиле тоа?
За да дојде до приближување на народите и менување на ставот, потребно е да се креираат ситуации и примери преку кои граѓаните што ги имаат овие стравови и фобии ќе ги ставиме во мисла и ќе почнат да ја разбираат ситуацијата и од друга перспектива. Од една страна, сакаме да доаѓаат туристи од Скопје, Бугарија, Турција и да уживаат во градот, во нашите продавници, рестораните и плажите. Но, од друга страна, се' уште го имаме оној негативен став дека се странци. Треба да ги прифатиме со насмевка како свои затоа што тие луѓе доаѓаат и ни оставаат пари. Тоа треба да ни стане јасно. Не доаѓаат тука дека сме им симпатични, туку за да си поминат добро, а ние треба да им го овозможиме тоа.
Преку Вашата невладина организација за заштита на дивите животни „Арктурос“ уште во 1990-тите години започнавте соработка со Македонија на полето на заштита на дивите мечки и волци. Би размислиле ли за соработка на поинакво ниво, на пример, заеднички проекти и збратимување на Солун со некој град од Македонија?
Конкретно, постои соработката на „Арктурос“ со Скопје, но и речиси со сите балкански држави. И ние не сме единствените, има и голем број други невладини организации што имаа активности. Дел од причините зошто сега се во застој тие заеднички активности, меѓу другото, и од „Арктурос“, е недостигот од финансиски средства. Меѓутоа, со Скопје проблемот е и несогласувањето околу името и поради тоа доаѓа до застој во работата. Но, ги одржуваме контактите и штом се подобрат условите, ќе продолжиме со соработката. Околу идејата за збратимување на градовите, можам да кажам дека тоа би можело да биде дел од мојата програма како градоначалник. Поради тоа, сакаме да се најде решение за проблемот, но треба и Скопје да стави малку вода во виното, да направи отстапки. Националистичките ставови на Груевски не се најдобрата работа на светот.
Вашата изјава дека не гледате ништо лошо во двојната формула како решение за спорот за името со Македонија наиде на позитивен одглас во Македонија. Вие сте еден од поретките јавни личности и политичари кои се осмелиле да го кажат тоа. Мислите ли дека Вашиот став ќе може да го пренесете како градоначалник на грчките граѓани и да добиете поддршка за тоа?
Не знам дали можам да го пренесам и колку ќе добие поддршка, но верувам дека двојната формула е многу добро решение, дали како Славомакедонија, дали како Вардарска или Нова Македонија. Тоа е добро решение за да се подобрат односите. Сепак, она што не' вознемирува е узурпирањето одредени луѓе и одредени ситуации. Словените дошле на Балканот во 600 година од нашата ера, но тоа не значи дека во овој регион не живееле народи многу години пред нив. Тоа што се преселиле во овој регион и се тука илјадници години сигурно им дава можност да се нарекуваат Македонци, но потребна е и една специфична карактеристика за да се направи разлика, бидејки тука и претходно постоеле Македонци. Тоа се две различни работи и треба на сите да ни бидат јасни.
Она што ме чуди е зошто еден Словен или цела група луѓе што потекнуваат од Словените, кои како народ имаат направено толку многу работи и имаат значајна историја на која треба да се гордеат, бараат и сакаат други работи и друга историја со која ќе бидат горди. Тоа многу ме чуди. За мене е многу добра идеја името Славомакедонија, подобра од Северна или Нова Македонија. Ќе ми остане енигма ова прашање, но верувам дека со сложеното име ќе имаме добро решение за сите.
Го поддржувате ставот дека национализмот и патриотизмот не се на цена и не помагаат никому. Неодамна изјавивте дека не мора постојано да мавтате со грчкото знаме за да покажете дека си ја сакате државата. Каде е границата меѓу патриотизмот и квазипатриотизмот и зошто на Балканот се' уште боледуваме од вакви симптоми?
Границите на балканските држави се направија таму каде што застана војската, без прашање и план, и по Првата светска војна и по балканските војни. Тоа создаде една потреба да изградиш идентитет, да знаеш кој си. Тука лежи и проблемот со Скопје. За да знаеш кој си, треба сите околу тебе да се исти со тебе. Оваа несигурност што постои за идентитетот создава националпатриотски круни и ѕидови кои се на еден начин изразување на фанатизмот. Со фанатизам никогаш не може да се најде решение. Треба посмирено да ги погледаме работите, да видиме што претходело и врз основа на таа историја да ја моделираме иднината. Она што е сигурно е дека животот на Балканот беше мирен за време на Отоманската Империја. Кога се поделија границите и народите, почнаа кавгите. Во одредени држави, како што беше Југославија, луѓето беа обединети додека постоеше федерацијата, политичкиот систем беше стабилен. Кога се распадна Југославија, се распадна и системот и сите се бореа да се запечатат во една сопствена држава без да има други како натрапници.
Грција се соочува со тешка економска криза. Сметате дека нејзината разврска ќе доведе до политичка модернизација или, пак, ќе ја втурне во порадикална реторика?
Економските мерки што ги презема владата во Грција, секако, ќе предизвикаат многу турбуленции и во економијата и тоа доведува до создавање нови ситуации, кои можно е да водат кон промена и модернизирање на политичките ставови. Јас сум оптимист и мислам дека работите ќе одат кон подобро.
И во Грција и во Македонија се' уште има случаи на вандализам од радикалните организации што создаваат несигурност кај некои од граѓаните за патување. Како би можело да се реагира за да се елиминираат вакви појави за да не се создава страв кај граѓаните?
Фанатици имате насекаде. Но, ако малку ги спуштиме тоновите во спорот со името, мислам дека ќе успееме да ги намалиме овие инциденти. Еден голем извор на проблеми мислам дека ќе биде новиот споменик на Александар во Скопје. Никола Груевски изгледа дека се обидува за своја лична корист да одржи една ситуација, која не' држи сите како заробеници на националпатриотизмот. Единствен начин да се измени оваа ситуација е снижување на тонот со кој се разговара за името. Меѓутоа, во БЈРМ мора да разберете дека треба да се направат дополнителни отстапки, бидејќи она што е направено досега не е доволно. Оваа националистичка политика не е без последици.
Што би советувале да се направи за да може повеќе да се зближат граѓаните од двете држави, да ги разберат секојдневните проблеми и да видат дека покрај работите што ги разделуваат, има и многу што ги доближуваат едни до други?
Видете, тоа може да се постигне преку медиумите, училишните книги, интервјуа, размени... Еден обид е оној што го имаме како винарска визба, т.е. соработката со Кавадарци за приближување на винските патишта. Овој проект е во изработка и ќе се работи и во регионот на Преспа. Овој период имаме состаноци за да видиме во која насока да оди соработката за да се развијат и соработуваат винските патишта во регионот. Ваквите примери на соработка ќе бидат доказ дека е целосно бесполезно она националистичкото удирање в гради.
Го имате ли посетено Скопје? Со проектот „Скопје 2014“, многумина сметаат дека градот ќе стане попривлечен за туристите. Каков е Вашиот став, која стратегија Ви изгледа како ефективна за привлекување туристи во еден град?
Развивањето на туризмот може да оди преку поголемо истакнување на историските моменти на еден регион. Потоа, важни се и продавниците, локалниот карактер, рестораните и сликовитоста на градот. Скопје, колку што барем јас го знам градот, има туристички потенцијал. Интересни точки се Музејот на современата уметност, Кале, Камен мост, има многу интересни места и моменти што би ги воодушевиле туристите. Меѓутоа, спомениците се малку фашистички момент. Особено ако не се останати од некој историски период. Денешните скулптури треба повеќе да се уметнички дела отколку споменици на паднати борци. Сметам дека е огромна грешка споменикот на Александар Македонски, кој ќе предизвика гнев во Грција и само ќе ги влоши работите. И, на крајот на краиштата, треба да се обрне внимание да не се преполни еден простор со споменици. Едно се уметнички скулптури со кои би се обиделе да создадеме одредено уметничко чувство и вредност за градот, а сосема друго се спомениците на херои.
Со децении сте вклучен директно во винарскиот бизнис во Грција. Каква разврска може да се очекува околу терминот „македонско вино“.
До овој проблем дојде бидејќи во Грција имаме побарано преку меѓународните инстанции да се почитува одлуката во германските продавници за вино единственото вино со етикета „македонско“ да биде од Грција. Според договорите со ЕУ, виното од еден регион во Грција се води како македонско вино, бидејќи се произведува во регионот Македонија во Грција. Според правилата, името на виното кое се произведува во еден предел обично доаѓа од карактеристичното име на регионот. Кога од Скопје го користат името „македонско вино“ создаваат забуна, бидејќи според податоците на ЕУ, македонско вино е она што се произведува во грчкиот регион Македонија. Скопје како држава тврди дека има право на терминот „македонски“, што не е баш правилно, бидејќи се' уште се води како ФИРОМ во ОН. Па, дури и ова е еден вид узурпирање на терминот. Друг проблем се појавува и при разликата на цените на вината. Некои од грчките винарски визби, меѓу кои и мојата, имаме соработка со винарниците во Кавадарци, но, за жал, го имаме овој проблем и несогласување со именувањето на вината.
#
Статијата е прочитана 3453 пати. | |||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
Испрати коментар | |||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||||
|
Δεν υπάρχουν σχόλια:
Δημοσίευση σχολίου